Ако Владата итно, сега и веднаш, сериозно не пристапи кон изнаоѓање мерки со кои ќе им помогне на граѓаните и стопанството, високата инфлација дефинитивно ќе им ги „дојаде“ парите на луѓето кои ќе останат на питачки стап. Универзитетскиот професор, Јован Пејковски, за Алфа вели дека стапката од 16,8%, ја сместува Македонија меѓу европските држави со највисока инфлација и најниски примања, објави АЛФА.МК.
Власта прави одредени напори, но мислам дека се недоволни и треба да се преземат повеќе мерки посебно на планот на субвенционирање на цените за социјално ранливите категории, кој и тоа како се погодени од оваа висока инфлаација. Ќе дојде време кога ќе неможат да ги платат сметките за струја, а камо ли да издвојат за основните животни потреби, вели универзитетскиот професор, Јован Пејковски.
Според професорот, државата треба да направи рационализација на сопствените трошења и пренасочување на средствата кон потребите на граѓаните, а особено кон социјално ранливите категории како најпогодени.
Самите граѓаните и тоа како ја чувствуваат инфлацијата затоа што не можат да ги задоволат основните потреби. Растот на цената на енергијата, на горивата, на струјата, растот на цената на храната гледаме и тоа како влијае на граѓаните и затоа кај нив се јавува една одбивност кон секоја најава за зголемување на цените, како што веќе имаме најава за зголемување на цените на струјата, на горивото, на храна, додава професорот Пејковски.
Дека Владата го преспала периодов, додека други влади излегле со низа мерки и стратегија, потврдува и економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ. Тој вели ако владата не направи сериозен исчекор во изнаоѓање решенија, инфлацијата ќе стаса 20%, што ќе биде погубно за сите.
Инфлацијата во Македонија е вон контрола, па така ова не треба никого да чуди, затоа што Владата не прави ништо за да ја заузда. Голема илузија е дека инфлацијата ќе се намали сама од себе. Тоа нема да се случи од две причини. Првата е што цените на меѓународните пазари продолжуваат да растат, особено на гасот и струјата. Втората е што домашните фирми ја користат ситуацијата и ги креваат цените и кога нема потреба, само за да си ги зголемат профитите, вели за Алфа економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.