Премиерот Димитар Ковачевски со владината делегација што ја предводи, денеска во седиштето на Обединетите нации во Њујорк ќе учествува официјалното отворање на Самитот за трансформација на образованието, кој се одржува во рамките на Генералното собрание на ОН и под покровителство на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и на УНЕСКО.
Во состав на македонската делегација се министрите за надворешни работи и за образование и наука, Бујар Османи и Јетон Шаќири, шефот на Мисијата на Република Северна Македонија при ОН Љубомир Фрчковски и советникот за надворешни работи на претседателот на Владата, Едмонд Адеми.
– Самитот на кој ќе се дебатира на тема унапредување на образовните системи во земјите преку трансформативни реформски процеси, ќе почне со обраќање на генералниот секретар на Обединетите нации, Гутереш. Претседателот на Владата Ковачевски ќе се обрати на Самитот за трансформација на образованието во 16 часот по локално време (22 часот по македонско време). Ковачевски ќе се осврне на заложбите на Република Северна Македонија и на конкретните чекори преземени во насока на трансформација на образованието на државно ниво, со цел обезбедување квалитетно и достапно образование за сите, соопшти владината прес-служба.
Делегација на Охридската Архиепископија, предводена од архиепископот г. Стефан попладнево пристигна во Истанбул, каде во древниот и свет Патријаршиски и…