Сточарите немаат есап, 22 денари за литар млеко, а во маркетите 95 денари

Изгор цени на млечните производи. Млекото, јогуртот, сирењето и кашкавалот добиваат повисоки цени речиси секој ден. Граѓаните се жалат и велат дека станува неиздржливо.

И од организацијата на потрошувачи тврдат дека најмногу поплаки примиле за цената на млечните производи. Според нив, многу од маркетите продаваат по нереални цени.

„Најчести јавувања имаме за млечните производи бидејќи нивните производи се менуваат од ден за утре. Потрошувачите мислат дека вештачки се зголемени цените од страна на трговците бидејќи немаат можеби толку трошоци коишто ја зголемуваат цената. Трговците на сметка на тоа дека имаат поголеми трошоци за транспорт и дистрибуција, производителите пак на сметка дека имаат поголеми трошоци за производство ги зголемуваат цените. Но, проблемот е што не може еден производ денеска да има една цена, а утре да биде двојно поскап, бидејќи трошоците за два дена не може толку да се зголемат.“, Мартина Грнчаровска, ОПМ.

Пазарните инспектори, пак, не евидентирале неправилности во цената на млечните производи. Оттаму велат:

„Во досегашните контроли кои ги вршиме кај производителите на млеко и млечни производи утврдено е дека цената која е формирана, а во кој се вклучени трошоците за производство, истите се реални трошоци за производство што доведува до формирање на продажна цена. Оваа одлука се однесува на трајното млеко, а што се однесува до останатите млечни производи, за истите економските оператори слободно ја фомираат цената на пазарот.“

Во меѓувреме сточарите прогнозираат дека на земјава и се заканува млечна криза. Како причина за тоа ја наведуваат неисплатливоста. Затоа голем дел од сточарите веќе ги продаваат цели грла.

 

sitel.com