Ердоган: Како дел од Истанбулскиот договор досега од Украина извезени се над 4 милиони тони жито

0
217

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска соопшти дека повеќе од четири милиони тони жито досега се извезени од украинските пристаништа, истакнувајќи дека Договорот за жито склучен во Истанбул се одвива непречено, јавува Агенција Анадолија (АА).

Како дел од договорот, „повеќе од четири милиони тони жито се извезени преку коридорот за жито. Тоа сѐ уште е во тек“, рече Ердоган за новинарите по петочната молитва во Истанбул.

Истакнувајќи ја важноста од извозот на руско жито и ѓубрива, Ердоган рече дека тоа ќе им помогне на сиромашните земји.

Во врска со Договорот за размена на заробеници меѓу Украина и Русија, Ердоган рече дека 200 од тие затвореници во моментов се „гости“ на Туркије.

„Тие се наши гости. Еден од нив беше име за кое инсистираше господинот [Владимир] Путин. Го испративме тоа лице во Русија“, додаде тој.

Претходно оваа недела, Ердоган објави дека Украина и Русија се договориле да разменат 200 затвореници како резултат на посредништвото и дипломатската комуникација на Туркије со лидерите на двете земји.

Тој за новинарите во Њујорк изјави дека размената на затвореници со посредство на Туркије е важен чекор кон ставање крај на војната меѓу двете земји.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).