Балкан Енерџи Груп БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија. Ова го наведе денеска компанијата БЕГ – Производство во соопштение по информациите дека треба да продолжи да испорачува топлинска енергија во новата грејна сезона до изборот на нов носител на лиценцата.
Од компанијата наведуваат дека согласно со член 51 од Законот за енергетика имале законска обврска да продолжат да ја извршуваат дејноста, до истекот на рокот од 90 дена за избор на нов вршител на дејноста, кој е веќе истечен. Во овој период, посочуават, БЕГ Производство продолжи да ја врши дејноста и ги заврши сите неопходни ремонтни активности во топланите се со цел новиот носител на лиценца да може непречено да ја започне новата грејна сезона.
-БЕГ Производство нема правна основа за користење на топланите, бидејќи Договорот за закуп е раскинат и новиот сопственик на топланите побара примопредавање на истите. Дополнително, компанијата е финансиски неспособна за вршење на дејноста, поради големите загуби остварени во претходната грејна сезона како резултат на неколкукратно зголемените трошоци за набавка на енергенси и електрична енергија кои не беа покриени со одобрените тарифи од Регулаторна комисија за енергетика. Заради овие причини на 09.06.2022 год. БЕГ – Производство до РКЕ поднесе барање за престанок на лиценцата се со цел навремено и непречено да се избере нов носител на лиценца за вршење на дејноста производство на топлинска енергија за новата грејна сезона. На 20.06.2022 год. РКЕ донесе решение за престанок на лиценцата на БЕГ – Производство, стои во соопштението.
Во врска со договорот за деловно – техничка соработка помеѓу БЕГ – Производство и АД ЕСМ наведуваат дека неговата важност била до 31 март годинава, односно е е истечен.
-Од погоре наведеното очигледно е дека БЕГ – Производство нема правен основ да располага со топланите, нема обврска да продолжи со вршење на дејноста во новата грејна сезона, ниту пак има финансиска можност и кредитна способност за набавка на гориво за производство на топлинска енергија, велат од БЕГ Производство.
извор: БЕГ – Производство