Шакира на суд поради затајување данок, се соочува со казна затвор од 8 години

0
163

Судија во Барселона наложи пејачката Шакира да се соочи со судење за затајување 14,5 милиони евра данок во Шпанија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Колумбиската поп-ѕвезда се товари за шест финансиски кривични дела за кои се соочува со казна затвор од 8 години и два месеца, и парична казна од 23,8 милиони евра.

Обвинителите ја товарат Шакира за неплаќање данок во Шпанија во периодот меѓу 2012 и 2014 година, тврдејќи дека иако нејзиното официјално живеалиште било на Бахамите, таа престојувала во Шпанија повеќе од половина од секоја година, според што требало да плаќа данок во Шпанија.

Тие тврдат и дека пејачката поседувала комплексна мрежа на компании во даночните раеви со цел намерно затајување на нејзината заработка.

Шакира веќе исплати енормни 14,5 милиони евра плус камата на Шпанската даночна служба, според нејзината фирма за односи со јавноста. Сепак, таа континуирано негира дека направила кривично дело.

Иако пејачката сè уште може да постигне договор со шпанските обвинители пред започнувањето на судењето, денешната судска одлука не може да се обжали.

Според Форбс, Шакира продала повеќе од 60 милиони албуми низ целиот свет и учествувала во други проекти, вклучувајќи го и водењето на американскиот натпревар во пеење „The Voice”. Нејзиното богатство се проценува на околу 300 милиони долари, според интернет-страницата „Celebrity Net Worth“.

Артистката наградувана со Греми не е единствената позната личност која се товари за затајување данок во Шпанија.

Во 2017, фудбалската ѕвезда Лионел Меси и неговиот татко беа обвинети дека преку даночните раеви успеале да затаат данок во вредност од 4,1 милион евра во Шпанија во периодот меѓу 2007 и 2009 година. Тие добија затворска казна од помалку од 2 години, што потоа беше намалена на парична казна.

Во 2019, португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо се изјасни за виновен за затајување данок и се согласи да плати парична казна од речиси 19 милиони евра.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).