Поранешниот Претседател на Чешката Република, Вацлав Клаус, на покана на Претседателот Иванов е во неколкудневна посета на Македонија. Поводот за посета на Претседателот Клаус е предавањето на 13-та Школа за млади лидери на тема „Македонија, ЕУ и принципите на современиот свет“, кое ќе се одржи утре во претпладневната сесија. Учесниците на школата ќе имаат прилика и да дебатираат и поставуваат прашања на горенаведената тема. Претседателот Клаус покрај предавањето и дискусијата со учесниците, утре вечер ќе се обрати и на Свеченото затворање на Школата за млади лидери.
Денес, двајцата претседатели имаа заедничка прошетка низ Охрид и ги посетија Главна порта, Галерија на икони, црквите Св. Богородица Перивлепта и Св. Софија, познатите занаетчии Филеви, печатницата Гутенберг, Куќата на Робевци итн. За време на прошетката имаа можност да се сретнат и поразговараат со граѓаните на Охрид како и со неколкумина туристи од Чешката република.
Претседателот Вацлав Клаус беше Премиер, а потоа и Претседател на Чешката Република во периодот од 2003-2013.