Утрово 9 часот на Граничниот премин Деве Баир полициски службеници го лишија од слобода Н.П.С. (34) од Плевен, Република Бугарија.
По претходно преземени оперативно тактички мерки од страна на СВР Скопје и добиени оперативни податоци од бугарските полициски служби, утврдено е дека Н.П.С. е сторител на повеќе кривични дела „измама“ по чл.247 од КЗ.
Имено, во периодот од 18.09 до 01.10. на подрачјето на СВР Скопје биле пријавени осум измами, при што од оштетените- повозрасни лица, тој успеал да одземе околу 40.000 евра и злато во вредност од околу 10.000 евра, соопшти МВР.
Измамникот успевал оштетените да ги доведе во заблуда телефонски јавувајќи им се и кажувајќи им дека член на нивното потесно семејство наводно предизвикал сообраќајна несреќа, при што има загинато дете, и доколку сака да го спаси од одење во затвор, барал од оштетените поголема сума на пари.
При извршениот претрес кај Н.П.С. се пронајдени 10.400 евра, картици за телефон, телефон и други предмети поврзани со кривичните дела.
По документирање на случаите, ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното обвинителство.
Апелираме до граѓаните да внимаваат и да не наседнуваат на вакви измами, а доколку добијат вакви повици, случајот веднаш да го пријават во најблиската полициска станица или на бесплатниот телефонски број 192, велат од МВР.
извор: МВР
фото: МВР