Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун испрати писмо до рускиот претседател Владимир Путин по повод неговиот 70-ти роденден, во кое го пофали неговото лидерство против „предизвиците и заканите“ од Соединетите држави, објавија официјални државни медиуми на Пјонгјанг, а пренесува јужнокорејската агенција „Јонхап“.
Во писмото, Ким ги пофалил и „значајните достигнувања на Путин во постигнувањето на големата стратешка цел за изградба на моќна Русија“ преку неговите „енергични активности“, според официјалната Корејска централна новинска агенција (КЦНА).
„Денес Русија самоуверено го брани достоинството на државата и нејзините фундаментални интереси од предизвиците и заканите од САД и нивните вазални сили“, рече Ким.
„Ваква реалност е незамислива без вашето истакнато лидерство и силна волја“ се вели во писмото.
Ким додаде дека меѓусебната поддршка и соработка меѓу Пјонгјанг и Москва се „зајакнати како никогаш досега“ во борбата за развој на традиционални билатерални врски според договорот постигнат на нивниот прв самит во рускиот град Владивосток во Далечниот Исток во 2019 година.