Апасиев ја поднесе иницијативата на Левица за референдум за „францускиот предлог“

Лидерот на Левица, пратеникот Димитар Апасиев денеска во собраниската архива ја поднесе иницијативата за организирање на референдум на кој граѓаните би се изјаснувале за тоа дали се за преговори со ЕУ со прифаќање на „францускиот предлог“. Апасиев изјави дека се собрани 750 потписи за иницијативата и нагласи дека не очекува спикерот Талат Џафери да ја отфрли иницијативата.

Станува збор за барање за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво со формулуирано прашање: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година”.

Апасиев на прес-конференција кажа дека се собрани 750 потписи кои ги предадоа во собраниската архива и изјави не очекува опструкции од претседателот на Собранието Талат Џафери.

„Ние не очекуваме опструкции, а доколку спикерот Талат Џафери се осмели да глуми уставен судија ќе почнеме со целосна блокада на Собранието“, рече Апасиев и додаде дека верува оти ќе имаат координација со пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Се надеваме референдумската иницијатива да помине во добра волја и сериозно да бидат сфатени ставовите и барањата на опозицијата“, рече Апасиев.

mkd.mk