Со пригодна свечена програма под мотото „Секогаш на вистинската страна“, во организација на Владата на Република Северна Македонија денеска беше одбележана 81 година од Денот на народното востание, 11-ти Октомври. Централната манифестација на која говореше премиерот Димитар Ковачевски се одржа на Спомен-костурницата во Куманово.
Премиерот во обраќањето пред граѓаните посочи дека одбележувањето на овој празник е продолжение и насока и дека секогаш сме биле и остануваме на вистинската страна.
„На ова свето место, Спомен-костурница во Куманово, вечниот дом на околу 300 борци кои своите животи ги положиле во темелите на родната земја, оддаваме искрена почит кон сите борци во антифашистичката и народноослободителна борба и ја испраќаме пораката дека светиот аманет да се биде на вистинската страна е примен, чуван, реализиран и ќе биде предаден на идните генерации, како отсекогаш, во името на добрата иднина на Република Северна Македонија“, рече Ковачевски.
Одбележувањето на празникот започна со оддавање почит и положување на свежо цвеќе во чест на борците чиј вечен дом е на Спомен-костурницата. Потоа продолжи со интонирање на химната, воен перформанс на припадниците на гардата и со пригодна културно уметничка програма.
извор: Влада
фото: Влада