(ВИДЕО) Лазарополе , пространа недопрена убавина на Бистра планина

0
389

Лазарополе, таму најгоре, токму како што Наум Петрески го опева во неговата песна. Ретка  недопрена природа која се распослала на падините на планината Бистра во областа на Мијачијата.

Настанокот на името Лазарополе се поврзува со легендата која се одржува како предание селаните од Главино Село бегајќи од Турците се сокриле во пештерата Калина Дупка, каде ги издала „луда Калина“ па Турците ги загушиле со чадот од запалениот оган. Само некој Лазар се спасил од пештерата од која излегол од другата страна во полето каде основал ново село. Од неговото име Лазар кој излегол во полето и го основал новото село настанало името Лазарополе.

Етимолошкото објаснување на името на селото има свои корени во старословенскиот јазик, во кој поимот лазор означува ‘голем простор, оголен и истребен од шуми’ какво што е впрочем и Лазарополе, па оттаму и на месниот мијачки говор, селото се нарекува и Лазорополе.

Ова село е доста специфично, бидејќи во почетокот на XX век броела над 3.000 жители. Сместено е во областа Мијачија, во јужниот дел на територијата на Општина Маврово и Ростуше, на падините на планината Бистра, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Кичево. Селото е планинско, сместено доста високо на 1.300 метри надморска височина.

Селото се наоѓа на високо поле (над 1.300 метри), низ кое поминува Лазарополска Река, кога оттаму се пробива кон долината на Мала Река. Поради стрмниот дел од долината на Мала Река селото е целосно невидливо. Самата местоположба е многу поволна, а на краевите на полето се наоѓаат пештери. Селото се соочувало со недостиг на вода во текот на летниот период, поради слабиот капацитет на чешмите.

Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Горни Ограѓе, Добрава, Соколица Мачкино, Главино Село, Палав Извор, Вртови, Великин Извор, Вртешка, Присој, Јодров Дол, Ком, Тубура, Лопушник, Коритник, Оштрилец, Бабин Трт, Утов Дол, Стража, Папраѓе, Браненица, Квачков Дол, Дрениче, Дукло, Бохче Дол, Ограѓе, Речишче и Цуцул.

Селото има збиен тип и поседува улица, кои водат кон сретселото, каде некогаш се наоѓала самата општина, хан, дуќани, училиштето и црквата. Поделено е на повеќе маала.

Селото е оддалечено 23,5 километри источно од градот Дебар, кој е најблизок град во околината, со кој селото е поврзано со асфалтен пат.

Лазарополе е второ по големина село во Mалореканскиот крај, чии села вообичаено се сметаат како типично мијачки населби. Селото е сместено на карстно-варовничко поле по име Коритник. Околни планини се Јама и Лопушник на простор опкружен со бујни дабови и букови шуми, питоми планински пасишта. Поради овие поволни услови, во овој крај се развило и афирмирало сточарството, поточно овчарството познато по своите висококвалитетни производи, особено сирење и кашкавал.

Со својата местоположба Лазарополе за свои непосредни соседи ги има селата: Росоки, Сушица, Галичник, Селце, Тресонче, Гари, Осој, Могорче, Ехлоец и Душегубица.

Лазарополе има планинско континентална клима, со повремени медитерански влијанија. Таа се карактеризира со свежи пријатни лета и со благи не многу сурови зими. Засолнетатa локација е примамлива за сите годишни времиња. Во летните месеци температурата достигнува до 30 степени над нулата, а преку зима варира, ведрите ноќи можат да бидат многу студени, а преку ден покрај голема бела снежна покривка да се ужива на пријатниот сончев припек.

Годишната просечна температура во Лазарополе изнесува 7,2 °C. Како најтопол месец се смета август со просечна температура од 16,1 °C. Во јануари температурите се најниски и просечната температура во тој месец изнесува -1,8 °C. Просечните годишни врнежи изнесуваат 1029 мм. Најмалку врнежи има во месец јули, кога просечните врнежи изнесуваат само 49 мм. Најмногу врнежи има во месец ноември, кога изнесуваат 132 мм.