Не се знае каде завршиле милиони лични документи на граѓаните. Она што Република прва го објави беше потврдено во интервјуто на првиот човек на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска.
Исчезнувањето се случило откако била избрана фирма која требало да ја спроведе дигитализацијата во Управата за водење на матични книги. Станува збор за околу девет милиони документи, венчаници, умреници, изводи на родени, народски кажано од турско до сега.
Антикорупционерите во предметот укажаа на две слабости. Првата, на пропусти во тендерската постапка при избор на фирма, која ќе ја спроведе дигитализацијата на изводите од матичните книги на родени, венчани и починати лица, граѓани на Република Македонија, и втората на сомнежот и реалната можност за тргување со податоците и тие да завршиле во една соседна земја, поради непочитување на стандардните безбедносни мерки и процедури.
Ивановска во интервјуто објасни дека воопшто не се водело сметка за контролата на прибирањето на личните податоци.