(ВИДЕО) Царината заплени минибус со бункер за криење стока

0
190

Специјални бункери во вентилациониот систем на минибус со албански регистарски таблички направени со цел криење стока се откриени по контрола на возилото во кое се вршело вонреден превоз на патници на релација Тирана – Брисел. Притоа специјално направените бункери наменети за криење стока, во обид да се прикријат истите, биле покриени со тапацир.

Случајот е откриен на влез на граничниот премин Табановце од страна на царински инспектори од мобилниот тим од Секторот за контрола и истраги, кои ја извршија контролата на минибусот.

По поднесена пријава до надлежниот суд, истиот донесе одлука за одземање на возилото, а изречена е и глоба за возачот на возилото заради прекршување на член 263 став 7 и член 269 став 2 од Царинскиот закон.

Ова е втор случај во една недела на заплена на возило специјално конструирано, адаптирано и прилагодено со цел криење стока.

Царинска управа и натаму во рамките на своите надлежности делува во насока на заштита на финансиските интереси на државата и заштита на безбедноста и здравјето на граѓаните.