Црвенковски: Направивме болни отстапки и пак ни се оспорува идентитетот

Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно, да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство, туку како меѓучекор кој дополнително ќе нѐ подготви за целосно интегрирање.

Ова го предложи поранешниот претседател Бранко Црвенковски на регионалната конференција „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“, што денеска во Скопје ја организираа Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.

Тоа е неговата стара идеја што ја промовираше пред неколку месеци, за постепена интеграција пред полноправното членство во ЕУ.

– Додека одлуките во Европската Унија се донесуваат едногласно со целосен консензус и додека постојат лимитирачки фактори во евроинтегрирањето, важно е земјите од Западен Балкан да ги завршат работите што зависат само од нив. Да ги спроведат неопходните реформи, не затоа што Брисел тоа го бара, туку затоа што тоа е добро за граѓаните. Да го совладаме најголемото зло – корупцијата и да обезбедиме неселективна правда и целосно почитување на правото – рече поранешниот шеф на државата на конференцијата

За она што, пак, зависи само од центрите во ЕУ, земјите на Западен Балкан имаат избор меѓу две опции – да останат пасивни и да чекаат или да покажат иницијативност и да ѝ помогнат на ЕУ да дефинира нов пристап кон Западен Балкан, рече Црвенковски.

 

 

 

plusinfo.mk