Бектеши за ТВ 24: Во четврток ќе имаме состаноци, ќе ги разгледаме сите податоци и ќе одлучиме дали ќе се интервенира во делот на цените

0
283

Од почетокот на кризата со цените на дневна основа заедно со Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и другите надлежни институции, секторот за трговија во Министерството за економија ги следи и цените и ситуацијата, изјави вечерва министерот за економија Крешник Бектеши во емисијата  24 анализа.

– Ќе ги разгледаме сите податоци. Во четврток ќе имаме состаноци со Стопанските комори и секторски со трговците на големо и со трговци на мало, и со производители на основни прехранбени производи и кон крајот на неделата ќе одлучиме согласно сите податоци, изјави Бектеши.

Доколку, посочи тој, се покаже дека има манипулации од одредени трговци и самите не ги вратат цените согласно некоја нормална маржа на добивка, тогаш, државата ќе интервенира за тие да не бидат на грбот на граѓаните.

Влијание, Бектеши рече, дека државата има само за домашните производи, за кои се следат и влезните цени на суровините и производствените цени, додека за увозните производи не може да се влијае, освен во делот на давачките, каде државата целосно се откажа од тие придонеси.

– Чекаме да се усвои ребалансот на Буџетот, каде се предвидени средства за креирање на нови мерки, се со цел да го ублажиме притисокот и да им излеземе во пресрет на граѓаните, посебно на тие категории, кои имаат најголема потреба, изјави Бектеши.

извор: 24 анализа

фото: Архива