Премиерот на Кина исклучен од Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина

0
246

Дваесеттиот конгрес на Комунистичката партија на Кина, на кој е избран нов состав на Централниот комитет во кој нема неколкумина досегашни високи кинески функционери, вклучувајќи го и премиерот Ли Кеќанг, завршен е утрово, известува Агенција Анадолија (АА).

Повеќе од 2.000 делегати на партискиот конгрес во Пекинг, што се одржува на секои 5 години, го избраа новиот Централен комитет, кој се состои од 205 членови и 171 заменик.

Во новиот состав на Централниот комитет очекувано е избран Си Џинпинг, генералниот секретар на партијата и претседател на Кина, но не се избрани четворицата членови од врховниот седмочлен Постојан одбор на Политбирото, а тоа се премиерот Ли Кеќанг (67), претседателот на Народниот конгрес, Ли Жаншу (72), претседателот на Народната политичка консултативна конференција, Ванг Јанг (67), и првиот заменик на премиерот, Хан Женг (68).

Од новиот Централен комитет исклучени се и 64-годишниот Ји Ганг, гувернерот на Кинеската централна банка, и 66-годишниот Гуо Шукинг, шеф на Агенцијата за регулација на банкарскиот и осигурителниот сектор, како и заменик-премиерот Лиу Хе (70), кинески економски експерт.

Измените и дополнувањата на Статутот на Комунистичката партија се одобрени со извештаите за работата на Централниот комитет и Комисијата за дисциплинска контрола.

Голем број аналитичари сметаат дека чистката во врвот на Комунистичката партија најавува нова ера на владеење на кинескиот претседател Си Џинпинг.

Според повеќедецениското непишано правило на владејачките комунисти во Кина, на партискиот конгрес се пензионираат членови кои навршиле 68 години старост, но ниту тоа правило не важи за 69-годишниот Џинпинг.

Сѐ упатува на тоа дека Џинпинг останува на функцијата лидер на Комунистичката партија на Кина, а тоа ќе се знае по конститутивната седница на новиот Централен комитет.

Поранешниот генерален секретар на Комунистичката партија и поранешен претседател на Кина, Ху Ѓинтао (79), изнесен е од салата во текот на церемонијата на затворањето на Конгресот. Ѓинтао седеше на главната маса, веднаш покрај Џинпинг, а редарите, без позната причина, го изведоа во моментите кога новинарите влегуваа во салата. На снимките се гледа како ниту нему не му е јасно зошто го изведуваат.

 

Извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).