Пуштен најстариот затвореник од Гвантанамо

0
242

Сејфула Парача, пакистански бизнисмен, кој беше најстариот затвореник во озлогласениот американски притворен центар Гвантанамо, денес се врати во Пакистан по повеќе од 18 години, потврди Министерството за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во 2003 година, оперативци на американското разузнавање го уапсија Парача (73) во Тајланд под обвинение за поврзаност со терористичката организација Ал Каеда. Американската Влада го одобри неговото ослободување во мај минатата година.

„Господинот Сејфула Парача, пакистански државјанин, кој беше затворен во Гвантанамо, е ослободен и пристигна во својата татковина денес“, се вели во кусото соопштение на Министерството за надворешни работи, без дополнителни детали.

„Министерството за надворешни работи го заврши обемниот меѓуагенциски процес за да ја олесни репатријацијата на господин Парача. Мило ни е што пакистанскиот државјанин приведен во странство, се врати кај своето семејство“, се додава во соопштението.

Одборот за ревизија основан од поранешниот американски претседател Барак Обама во обид да го спречи ослободувањето на затворениците за кои властите веруваа дека повторно ќе се вклучат во терористички активности по нивното ослободување, утврди дека Парача „не претставува постојана закана“ за САД.

Неговиот единствен син, Узаир Парача, исто така беше затворен во САД под сомнение дека им помагал на осомничените милитанти да влезат во земјата користејќи лажни документи.

Тој беше ослободен и вратен во Пакистан откако американската Влада одлучи да не бара ново судење во 2020 година, откако отслужи над 16 години затвор.

Бизнисменот од Карачи, кој работел во повеќе сектори, вклучително и во градежниот, поседувал бизнис и имот и во Њујорк.

Неговиот американско-еврејски деловен партнер, наводно, бил принуден од ЦИА да го покани Парача во Бангкок.

Тој не беше осуден за одредено кривично дело, туку беше обвинет за помагање на најмалку двајца припадници на терористичката организација Ал Каеда вклучени во терористичките напади на 11 септември во Њујорк и Вашингтон.

Парача, кој има дијабетес и срцева болест, негираше каква било вмешаност во тероризам, тврдејќи дека не знаел дека лицата со кои работел се припадници на терористичка организација.

Тој беше осуден на 30 години затвор од Федералниот суд во Њујорк во 2005 година, но наводите на сведоците беа отфрлени од судијата во март 2020 година.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).