Женската ракометна репрезентација на Македонија, вечерва (18 часот) го игра вториот натпревар на Европското првенство. Почетниот пораз од Франција (14:24) не ги демотивира избраничките на селекторот Љубомир Савевски, кои ќе се обидат да им се спротивстават на Холанѓанките.
Тие во првото коло тесно ја добија Романија со 29:28, па триумф денеска и дефинитивно ќе ги одведе во втората фаза. Важат за фаворитки во дуелот со Македонија, но изненадувања секогаш се можни, особено ако селекцијата на Љубомир Савевски повторно одигра квалитетно во одбраната.
И покрај убедливиот пораз од Франција, која е еден од фаворитите за медал, сепак, Македонија дозволи само 24 гола, што секако е позитивен сигнал во пресрет на преостанатите два натпревара на ЕП – против Холандија вечерва и против Романија.
На ланскиот мундијал Холанѓанките завршија на деветтото место, со само една победа над европска селекција, и тоа повторно над Романија.