Ковачевски: Прехранбената индустрија, водостопанствата и училиштата од денеска може да склучуваат договори за снабдување со поевтина електрична енергија

Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција истана дека веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготви потребната документација, врз основа на која ќе се склучат договорите со „ЕСМ продажба“ за снабдување со електрична енергија за физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија, јавни претпријатија од областа на водостопанство, како и основните и средни јавни училишта.

Во продолжение обраќањето на премиерот Ковачевски во целина:

„Сакам денес да ве информирам за една од најважните теми кои што ги окупираат граѓаните и јавноста, а тоа е енергетиката која што е најактуелна тема. И на која што редовно информираме како што кажавме на почетокот на грејната сезона практично. Прес-конференции редовно држи мојот советник за енергетика, истото тоа го прави и ЕСМ и истото го правам и јас.

Денешната прес-конференција е на тема, енергетика – најактуелната тема, на која јас, заедно со Владата и надлежните ресори работиме секојдневно. Целта е една, да ги ублажиме последиците од најголемата светска енергетска криза во која  живееме, а тоа успеваме да го постигнеме и го менаџираме на дневна основа, со план и мерки кои даваат резултати.

На минатата прес-конференција, тука во Медија центарот, пред 7 дена ги споделивме одлуките на Владата со кои обезбедуваме непречено и по стабилни цени, снабдување со електрична енергија во услови на криза, за функционирање на виталните институции на државата, како и поевтина струја за компаниите за стабилизирање на цените на прехранбените производи.

Во таа насока, Владата на Република Северна Македонија донесе одлука со која го задолжи АД ЕСМ преку „ЕСМ продажба“ во текот на траењето на енергетската криза, до 30.4.2023 година, да снабдува со електрична енергија неколку категории потрошувачи, дополнително од досегашното задолжение кое што го има според Закон.

Оваа одлука е донесена со цел да се спречи растот на цените на одредени прехранбени производи, да се одржи сигурност и континуитет во снабдувањето со вода и одведување и пречистување на водата, како и да се обезбеди електрична енергија за училиштата за непречено одвивање на наставата во текот на целиот есенски и зимски период.

Веќе се утврдени процедурите и ЕСМ ја подготви потребната документација, врз основа на која ќе се склучат договорите за снабдување со електрична енергија.

Документацијата и упатствата се крајно поедноставени ќе се постават на официјалната страна на АД ЕСМ од каде потрошувачите ќе можат да ги симнат и да ги пополнат и заедно со другите документи кои треба да ги приложат кон барањето, треба да ги пратат на е-меил, а потоа да ги достават и до архивата на компанијата.

За датумот на аплицирање ќе се смета времето кога комплетните документите се пратени на официјалниот меил.

Потрошувачите можат да склучат договори за снабдување со електрична енергија од АД ЕСМ секој први во месецот, односно, 1 декември 2022, потоа 1 јануари, 1 февруари, 1 март и 1 април 2023.

За да почнат да се снабдуваат со електрична енергија од први во наредниот месец, сите заинтересирани потребно е најдоцна до 10 (десети) во тековниот месец да го достават до „ЕСМ продажба“ потпишаниот договор со потребната документација.

На пример, овие следни два дена што се пред нас, денес и утре, до 10.11 треба да се поднесат документите за да почне снабдувањето од 1.12, односно од 1 декември оваа година.

Овој рок не важи само за корисниците кои во моментот се на снабдувач во краен случај, за нив рокот е до 20-ти во тековниот месец.

Со оваа мерка се опфатени три категории на потрошувачи:

I КАТЕГОРИЈА – физички и правни лица регистрирани за вршење на приоритетна дејност од областа на прехранбената индустрија

Тука се основните продукти, месо, млеко, леб, масла итн.

Цената на електричната енергија за нив ќе биде 80 e/MWh и ќе важи само за потрошувачката на броилата за извршување директно на приоритетната дејност, значи исклучиво во производниот процес.  Целта е да се одржи стабилна цената на основните прехранбени производи, односно да не дојде до раст на нивните цени предизвикани од исклучително високите сметки за струја или прекин на производството.

Но, тука сакам да го реафирмирам истото што беше договорено со претставниците на стопанските комори од секторите кои се од прехранбената индустрија на основни прехранбени производи сите да бидат солидарни и како што некои веќе и најавија цените на основните прехранбени продукти кои се опфатени со оваа мерка да се намалат, најмалку за 10%.

II КАТЕГОРИЈА – спаѓаат јавни претпријатија од областа на водостопанство, собирање и одведување на урбани отпадни води и прочистување на отпадни води кои работат со пумпни или пречистителни станици

Целта на нивното префрлање на „ЕСМ продажба“ е тоа што струјата за нив е клучна за функционирањето на пумпите и пречистителните станици и не смее да се дозволи поради високата цена или следствено исклучување поради ненадоместени сметки да дојде до тоа пумпите да останат без струја и да се загрози водоснабдувањето или одведувањето и прочистувањето на водите.

Цената на електричната енергија за нив ќе биде 95 e/MWh.

III КАТЕГОРИЈА – основни и средни јавни училишта

За да имаме топли училишта и топли болници во оваа кризна состојба Владата со одлука обезбеди за 365 основни и 109 средни училишта како и за здравствените установи повластена цена на струја од ЕСМ од 95 евра/MWh. Целта на снабдувањето на училиштата е да се осигура настава, односно дека нема да дојде до нарушување на воспитно-образовниот процес од причини недостиг на струја, исклучување поради неподмирени високи сметки итн. поврзани со електричната енергија.

Исто така граѓаните нема да ја пребродуваат сами оваа криза, за нас се еднакво важи и снабдувањето со електрична енергија, како и храната.  Струјата ќе продолжиме да ја субвенционираме со 80% за над 600.000 домаќинства и 72.000 мали потрошувачи фирми кои вработуваат 98% од работниците во државата. Се грижиме за најранливите и понатаму и 42.000 граѓани од најранливи категории, како што соопштивме со мерките ќе добиваат директна финансиска помош. Исто како и 330.000 пензионери кои покрај зголемените пензии дел од нив оние со најниски пензии ќе добијат 3.000 односно 6.000 денари поддршка оваа зима согласно последниот пакет антикризни мерки. Нема поголем приоритет од справувањето со енергетската криза, заштитата на животниот стандард и одржување на ликвидноста на компаниите.

Заедно со членовите на Владата, особено од економските ресори, приоритет ни е брзо ефектуирање на мерките кои ги носиме, за да има резултати. Работиме  одговорно, рационално, ги кратиме непродуктивните трошоци, сé со цел заедно да се избориме со оваа криза.“

 

извор: Влада