Наркобосот чиј двор во Истанбул го прекопува полицијата по дојавата дека има закопано тело немал еден, туку два македонски пасоши

Турската полиција објави видео од куќата на припадникот на Кавачкиот клан, Жељко Бојаниќ (56) од Котор, под сомнение дека го извршил убиството на Ристо Мијановиќ (33) од Шкаљарскиот клан , а телото го закопал во дворот од неговата вила.

На снимката се гледаат неколку дупки ископани во дворот на вилата, како и целата луксузна населба снимена од птичја перспектива.Но телото не е пронајдено, објави Република.

Истанбулската населба Саријер е наменета за богати луѓе кои можат да си дозволат луксуз, а меѓу нив беше и Бојаниќ, кој продолжи да се занимава со криминални активности во луксуз, поради што од 2016 година е на листата на барани лица на Интерпол како еден од 45-те најбарани криминалци од Европа.

Како што е утврдено, Бојаниќ влегол во Турција со фалсификуван пасош на име Јордан Анделев Белчев и го користел прекарот Борис. Двата пасоши се на Република Македонија.

Жељко Бојаниќ, Милан Миловац и Петар Чошиќ, најблиските соработници на Дарко Шариќ, најголемиот наркобос на Балканот, од 2019 користат македонски пасоши со украден идентитет. Бојаниќ имал дури два македонски пасоши, еден на име Спиро Аговски и втор со име на украден идентитет на Јордан Белчев.

Црногорските медиуми го прогласија за најбараниот криминалец во Европа. Една од меѓународните потерници по него беше издадена од Интерпол на Словенија за трговија со дрога. Сепак, на 8 јули 2019 година Бојаниќ добива македонски пасош со украден идентитет на Спиро Аговски, а два месеци подоцна, на 25 септември, му бил издаден уште еден македонски пасош со украден идентитет на име Јордан Белчев. На два пати, Бојаниќ во некоја од канцелариите на управните служби на македонското Министерство за внатрешни работи се фотографирал, оставал отпечаток на прст и добил два пасоши со две различни имиња. Дури на 2 март 2021 година е откриен неговиот вистински идентитет.

Жељко Бојаниќ беше еден од најдоверливите луѓе на Дарко Шариќ, познатиот балкански наркобос. Бојаниќ беше задолжен за транспорт на кокаин од Јужна Америка кон Европа со користење мегакрузери и перење пари од трговијата со кокаинот со вложување во недвижнини.

извор: Република.