МНР ги осудува иредентистичките изјави на бугарскиот пратеник Костадинов

Министерството за надворешни работи ги осудува иредентистичките изјави кои содржат и територијални претензии кон Република Македонија искажани јавно и повеќе пати од страна на бугарскиот пратеник и лидер на политичка партија, Преродба, Костадин Костадинов.

Фактот што овие изјави се повторуваат, овојпат и во Скопје и тоа на значаен и за двете страни симболичен повод, отворање на нови канцеларии на Културно-информативниот центар како и во пресрет на Бизнис форумот меѓу Македонија и Бугарија, не можеме, а да не ги толкуваме како обиди за минирање на силните напори на двете Влади за унапредување на соработката и како организирана провокација, која треба да биде осудена од сите проевропски политички структури и институции во двете држави, се вели во соопштението на МНР.

Во исто време, сакаме да упатиме апел до граѓаните на двете земји да не им подлегнуваат на ваквите провокации кои имаат една единствена цел, а тоа е да ги спречат двете држави во спроведувањето на искрените намери, реафирмирани од двете страни, за продлабочување на односите меѓу нашите држави и народи во духот на европските вредности.

извор: МНР