Државата планира следната година да ги зголеми платите во дел од институциите, според наведеното во Предлог-буџетот за 2023 година, а поголема просечна бруто плата ќе има и кај Претседателот на државата, во Владата, но не и во Собранието, пишува „Радио слободна Европа“ (РСЕ).
Претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието и пратениците имаат месечна плата од околу 1.500 евра. Тоа е трипати повеќе од просечната плата во земјата која изнесува околу 500 евра, се наведува во прилогот на РСЕ.
Во прилогот се додава дека министрите имаат од 1.100 до 1,400 евра плата. Работник, пак, кој има минимална плата од 18.000 денари, ќе треба да работи повеќе од пет месеци за да заработи колку овие функционери за еден месец, пресметале од РСЕ и додаваат дека сепак тоа не се најплатените функционери во државата. Директори на државни фирми земаат и двојно повисоки плати од луѓето со најголема политичка моќ и одговорност во државата, што е всушност вообичаена практика во развиените земји.
Според законот за плати на избрани и именувани лица, тројцата функционери од државниот врв имаат најголем коефициент од 4,5 за пресметка на плата. За пресметка на бруто плата се зема основица, која со закон е пресметана на 26.755, се множи со 4,5 и на таа сума се додаваат годините стаж, односно колку поголем стаж имаат, толку и платата им е поголема.
Пресметка на плата на претседателот на државата:
Нето платата на претседателот Стево Пендаровски изнаесува 92.941 денари, велат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа. Основицата на платата е зголемена за 18 отсто по основ на минат труд (36 години стаж). Во бруто износ, претседателската плата изнесува 142.070 денари.
Основица: 4,5 х 26.755,00 МКД = 120.398,00 мкд
Минат труд: 18% од 120.398,00 мкд = 21.672.00 мкд
Вкупно бруто: 142.070,00 мкд
Вкупно придонеси: 49.129,00 мкд
Нето за исплата: 92.941,00 мкд
Според податоците објавени на владината веб-страница, премиерот Димитар Ковачевски зема плата од 88.260 денари со 23 години стаж. По него следи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со плата од 86.324 денари, но во неговата плата се пресметани и 20 отсто за извршување на функцијата. Вицепремиерите земаат плата од околу 69 илјади до 73 илјади, во зависност од вкупниот работен стаж.
Од останатите министри, најниска плата од речиси 66 илјади денари има министерот за животна средина Насер Нуредини, оти имал само две години стаж минат труд, а највисока од 76.252 денари има министерот за правда Никола Тупанчески со минат стаж од 34 години.
Претседателот на државата и премиерот со своите плати може да наполнат речиси две потрошувачки кошници што ги пресметува Сојузот на синдикатите (ССМ). Потрошувачката кошница за едно четиричлено семејство за октомври, според ССМ изнесува 51.514 денари, што значи дека се потреби речиси три минимални плати од 18 илјади денари за да се задоволат основните потреби на едно семејство.
Од министерствата највисока просечна бруто плата има во Министерството за надворешни работи, а најниска во министерството за политички систем на вицепремиерот Артан Груби. Во МНР просечната бруто плата ќе порасне од 116.893 на 122.243 денари. Односно просечната бруто плата во МНР е околу 2000 евра, или 1300 евра нето. Во министерствата на Груби догодина ќе има 69 вработени повеќе, но вкупната месечна бруто плата ќе се намали од 43.154 на 38.282. Просечната нето плата во ова министерство е околу 25 илјади денари или нецели 400 евра.
Оперативно техничката агенција (ОТА) е институција со највисока просечна плата, што добива пари од буџетот. Во оваа институција има 26 вработени со просечна бруто плата од нецели 2000 евра, или околу 1300 евра нето плата. Во Агенцијата за разузнавање, пак, ќе се намали и бројот на вработени и просечната плата. Од буџетските институции, пак најниско платени се вработените во Управата за водење матични книги, кои имаат просечна нето плата помала од 400 евра.
извор: „Радио слободна Европа“ (РСЕ)