РСЕ: Обид за грабеж на Народната банка на Србија во Косово, повредено 1 лице

0
275

Во Лепосавиќ во северниот дел на Косово денеска имало обид за грабеж во претставништвото на Народната банка на Србија. Лепосавиќ е општина со српско мнозинство.

За време на настанот повреден е вработен во фирмата „Хендерсон“ која превезува пари за потребите на банките, потврдија за Радио Слободна Европа – РСЕ од локалниот здравствен дом.

Според известувачот на РСЕ од местото на настанот, при овој инцидент било употребено огнено оружје, а биле фрлени и димни бомби.

Припадниците на српската заедница ја напуштија косовската полиција на почетокот на ноември во знак на противење на одлуката на Владата на Косово да ги пререгистрира возилата од српски на косовски таблички.

Освен работниците во полицијата, имаше повлекување и на Србите од правосудните институции. Меѓународната заедница предупредува дека со тоа се создало вакуум што може да ја влоши безбедносната состојба.

Овој инцидент во Лепосавиќ доаѓа два дена откако беа уништени просториите на Централната изборна комисија на Косово во Северна Митровица и Зубин Поток.

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека со засилување на нападите на северот, во овој дел од земјата ќе има засилено полициско присуство. Косовските власти ги обвинуваат „криминалните групи“ за инцидентите на северот, кои како што наведоа, се „платени и диригирани од Србија“.

извор: Радио Слободна Европа – РСЕ

фото: Радио Слободна Европа – РСЕ