НАТО и ЕУ потпишаа нова заедничка декларација за соработка

Северноатлантската алијанса (НАТО) и Европската Унија (ЕУ) денес потпишаа нова заедничка декларација со цел дополнително зајакнување на билатералната соработка во екот на војната меѓу Русија и Украина, како и за новите предизвици поставени од Кина, јавува Агенција Анадолија (АА).

Заедничката декларација ја потпишаа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарлс Мишел на церемонијата одржана во седиштето на НАТО во Брисел.

Во новиот текст подготвен врз основа на претходно потпишаните декларации во 2016 и 2018 година се наведува дека соработката меѓу НАТО и ЕУ се заснова на заеднички вредности, дека денес евроатлантскиот регион се соочува со најголемата закана во последните години и дека руската војна во Украина претставува кршење на меѓународното право.

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со Столтенберг и Мишел рече дека заедничката декларација покажува дека единството и решителноста на НАТО се зајакнале од почетокот на руската војна против Украина во февруари минатата година.

„Европската безбедност е загрозена и се соочува со предизвик, што се рефлектира во желбата на Финска и Шведска да се приклучат на НАТО. Свесни сме за предизвиците. Но, можеме да им се спротивставиме“, рече Лајен.

Таа посочи дека руската закана, иако важна, не е единствената на која треба да се осврнува и ги спомена „интензивираните обиди на Кина да го преобликува глобалниот поредок во своја полза“.

„Во овој контекст“, додаде Лејен, „сојузниците треба да ја зајакнат својата отпорност.“

Столтенберг се согласи дека НАТО и ЕУ заедно ја поддржуваат Украина и додаде дека зајакнатата воена способност на Унијата ќе биде корисна и за Алијансата и ги повика членките на Блокот кои не се дел од НАТО да ги поддржат заедничките иницијативи со Алијансата.

„Москва сака поинаква Европа. Таа сака да ги контролира соседите, демократијата и слободата ги гледа како закана. Тоа ќе има долгорочни последици за нашата безбедност“, рече Столтенберг.

Прашан за ставот на Туркије во однос на кандидатурите на Шведска и Финска за членство во НАТО, Столтенберг посочи дека Анкара се соочува со сериозни легитимни безбедносни закани кои произлегуваат од тероризмот.

Столтенберг понатаму повтори дека Туркије тесно соработува со Финска и Шведска за да одговори на загриженоста на Анкара.

Во своето обраќање Мишел рече дека заедничката декларација докажува дека Унијата и Алијансата сакаат да ја подигнат соработката на повисоко ниво.

„Нашите истории се испреплетени“, рече Мишел, потсетувајќи дека 21 членка на ЕУ се дел од НАТО.

Тројцата лидери, исто така, се согласија дека е неопходно да се реши прашањето за растечката геостратешка конкуренција, како и прашањата за отпорност и заштита на критичната инфраструктура.

Другите приоритетни области на соработка ќе вклучуваат нови технологии, заеднички простор, безбедносни импликации од климатските промени, странско мешање и манипулација со информации.

извор: Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).