Мемоарите на принцот Хари пуштени во продажба

0
242

„Spare“, мемоарите на британскиот принц Хари, денес официјално се пуштени во продажба, а книжарниците во Лондон се отворија на полноќ за да ја задоволат големата побарувачка, јавува Агенција Анадолија (АА).

Насловот на книгата е збор кој традиционално се употребува меѓу кралските семејства во смисла првиот син е наследник, а вториот е „резервен“ („Spare“) во случај нешто да му се случи на првородениот.

Во својата книга Хари го обвинува своето кралско семејство, дури раскажува и за физички напад од страна на неговиот постар брат, принцот Вилијам, и за влошувањето на нивниот однос поради бракот на Хари со американската актерка Меган Маркл.

Вилијам „ме укори, ме ослови со друго име, а потоа ме нападна“, напиша Хари. „Сè се случи толку брзо. Толку многу брзо.”

Помладиот брат продолжува: „Ме фати за јаката, ми го скина ланчето и ме собори на подот. Паднав над чинијата за кучето, која пукна под мојот грб, а парчињата влегоа во мене. Лежев таму за момент, зашеметен, потоа станав и му реков да излезе.“

Хари раскажува дека Вилијам му рекол да му возврати, како во тепачките што ги имале како деца, но тој одбил.

Британската читателска публика веќе ги доби примероците од автобиографијата неколку дена пред нејзиното официјално објавување.

Познатата книжарница „Вотерстоунс“ истакна дека книгата на Хари е една од книгите со најголем број нарачки пред објавување во последните десет години.

На американска телевизија минатата година, Хари и Меган се пожалија на расизам кон Меган Маркл во Бакингемската палата.

Тие тврдеа дека најмалку еден постар член на семејството ја ставил во прашање бојата на кожата на тогаш нероденото бебе на парот, Арчи, и дека Меган се соочила со огромен емоционален притисок во палатата.

извор:Агенција Анадолија (АА).

фото: Агенција Анадолија (АА).