Во интервју за ИРЛ вицепремиерот Артан Груби открива дека тој и Али Ахмети биле во Струмица на 5 јануари да сретнат со поранешниот премиер Зоран Заев во Струмица, каде што разговарале четири часа.
Според Груби, поканата за Али Ахмети да оди кај Заев била од поодамна, но сѐ погласните политички шпекулации дека поранешниот премиер кумува на евентуална широка влада без присуство на ДУИ, била поводот Ахмети за првпат во својот живот да ја посети Струмица.
– Сега брзо, на петти јануари, ден после роденденот на господинот Ахмети. Значи на 5 јануари. Се видовме со господинот Заев како што ви кажав, разговаравме околу четири часа. Он ни беше домаќин, за прв пат господинот Ахмети отиде во Струмица да се види со господинот Заев на негова покана и разговаравме околу актуелностите. Така што и околу господинот Заев и од сите учесници на тој состанок од 21 декември, вклучително и премиерот Димитар Ковачевски сме уверени и апсолутно веруваме дека такви некои сценарија не се ниту разгледувани, не се ниту прифатливи. Ниту за господинот Заев, ниту за претседателот и премиерот на СДСМ, Ковачевски – рече Груби во подкастот „Разговор во редакција“.
Груби уверува дека со тоа што тој и Ахмети биле на средба со Заев, ДУИ не го дефакторизирала актуелниот премиер Димитар Ковачевски.
– Не, апсолутно. Јас мислам, односно не мислам, знам – дека господинот Ковачевски има целосна и апсолутна поддршка од господинот Заев и од сите структури, вклучително тука и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и другите предводници на СДСМ – вели Груби.
Освен за шпекулациите дека се подготвува евентуално маргинализирање и праќање во опозиција на ДУИ, Заев, Ахмети и Груби разговарале и како да се дојде до 80 пратеници за најавените уставни измени за внесување на Бугарите во највисокиот правен документ.
извор: ИРЛ