Стаменкоска Трајкоска до Ковачевски: Што направи во изминатиов период Советот за унапредување на образованието и науката, и колку сте платени?

0
173

„Ќе поставам три пратенички прашања, од кое првото ќе биде за премиерот, а останатите за министерот за образование. Првото прашање се однесува на Советот за унапредување на образованието и науката, на предлог на министерството за образование и наука, а со поддршка на Владата се донело одлука за формирање Совет за унапредување на образованието и науката. Оваа одлука ја донесовте во октомври 2022 година. Во работата на Советот учествуваат Димитар Ковачевски како претседател на Советот, Артан Груби, Фатмир Битиќи, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири како министер за образование и наука. Тогаш сте тврделе врз основа на направените сеопфатни анализи за состојбите во основното, средното и високото образование и наука, ученичкиот и студентскиот стандард и потребата од обезбедување на учебници дека се формира вакво тело кое ќе работи во насока на градење јавни и транспарентни политики во образованието. Тогаш сте увиделе дека состојбите во основното, средното и високото образование, студентите, учебниците се катастрофални и да ја ублажите работата теоретски излеговте во јавноста се пофаливте дека создавате едно работно тело за кое што уште еднаш информација во јавноста не видовме“, истакна Бети Стаменкоска Трајкоска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на пратенички прашања.

Стаменкоска Трајкоска додаде дека од власта немаат изградено јавна и транспарентна политика со која ќе докажат дека ги реализираат поставените цели. А, цел на Совет за образование и наука треба да биде подобрување на квалитетот на образованието и науката. Но, македонската јавност денес за жал е сведок на погрешни содржини во учебниците, немање на реален и издржан пристап за надминување на проблемите со учебниците, наставници даваат оставки и си одат од образование, нема мотивирани кадри и автори за творење на квалитетни учебници.

„Првото прашање е што направи во изминатиов период Советот за унапредување на образованието и науката? Колку состаноци имате одржано? Кои заклучоци сте ги донеле? И дополнително дали и колку сте платени“, пратеничката Стаменкоска Трајкоска го запраша Димитар Ковачевски.

Пратеничката посочи дека нејзините следни две прашања се поврзани и насочени кон министерот за образование и наука.

„Министер, сакам да ме информирате и да ми кажете што како министер превземавте за неработењето на Државниот испитен центар? Не е доволно само да се разреши директорката Наумоска. И новоназначената директорка треба да се менаџира успешно, Вие сте главниот менаџер во сектор образование и треба да имате визија за градење на успешни тимови. А, не визија за нешто друго. Значи ова второ прашање го поврзувам со една единствена цел бидејќи бевме сведоци порано дека 111 кандидати уредно пријавени за полагање на лиценца за директор од страна на ДИЦ им беа предизвикани сериозни главоболки, нервози, навреди и за сето тоа пред некое време посведочивме дека поранешната директорка Наумоска беше разрешена. За сериозните прекршувања на Закони, кривичната пријава за госпоѓата не слушнавме да има, но со сигурност ве убедувам дека наскоро Наумоска ќе ја слушнеме како предлог за амбасадор. Со вас на власт така оди тоа. Во Македонија за жал. Таквите кадри се наградуваат со амбасадорски места. Конкретно прашањето е поврзано заради тоа што се појавува една интересна ситуација каде имаме 630 кандидати пријавени за полагање на приправнички испит кој исто така како и овие 111 се обесправени“, нагласи Стаменкоска Трајкоска.

Таа го запраша министерот што тој како министер презема за неработењето на Државниот испитен центар.

„И трето прашање, зошто на учениците од средните училишта свесно и намерно им се скратува правото на образование? А, сето тоа е поврзано со календарот кој го имате доставено во Службен весник, календарот за изменување и организација на учебната 2022-2023 година“, посочи таа.

извор: ВМРО ДПМНЕ