По 16 години бегство, во Франција приведен шеф на италијанска мафија преправен во мајстор за пици

0
191

Шеф на италијанската мафија е приведен во Франција, каде што работел како пица мајстор, известува „Анадолу“.

„Греко е приведен по 16 години бегство“, соопштија италијанските и француските инспектори.

Едгардо Греко (63) бил баран поради убиство на двајца браќа кои биле ликвидирани за време на „мафијашка војна“ меѓу две банди во почетокот на 90-тите години.

Обвинителите веруваат дека Греко ѝ припаѓа на „Ндрангета“ – моќна мафијашка организација основана во јужниот италијански регион Калабрија.

„Ндрангета“ сега е една од најмоќните криминални организации на светот, со врски низ Европа и Јужна Америка.

Италијанската воено-полициската единица Карабиниери објави дека инспекторите ја следеле мрежата на Греко од 2019 година, за на крајот трагите да ги одведат до францускиот град Сент Етјен, каде што Греко бил приведен вчера.

Неговото приведување е второ мафијашко приведување од страна на италијанските власти во последните неколку недели.

Тоа следуваше по приведувањето на мафијашкиот „шеф на шефови“, Матео Месина Денаро, кој бил во бегство 30 години.

Двајцата се барани поради убиства извршени во 90-тите години.

Греко беше во бегство од 2006 година, откако е издаден налог за негово приведување. Осум години подоцна, тој се настанил во Сент Етјен, југозападно од Лион, каде што започнал да работи како „picaiolo“ во италијански ресторан.

Шеф на италијанската мафија Греко користел нов идентитет со името Паоло Димитрио. Во јули 2021 година дури се појавил во статија на локален весник, објавувајќи италијански домашни рецепти од својот ресторан, вклучувајќи равиоли, рижото и таљателе.

извор:„Анадолу“.

фото: „Анадолу“.