Според најновите информации, досега животот го загубија 3.381 лице, а најмалку 20.426 се повредени во земјотресите што вчера ги потресоа јужните делови на Туркије, известува Анадолу.
Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни состојби (АФАД) на Туркије ги потврди најновите информации за бројот на загинати во земјотресите, чии епицентри беа во јужната турска област Кахраманмараш.
Бројот на загинати чии тела се пронајдени изнесува 3.381, додека бројката на повредени се зголеми на 20.426.
АФАД соопшти дека во земјотресите што ги потресоа јужните делови на Туркије се урнати 5.775 згради, а бројката на пријавени, но сѐ уште не проверени урнати згради изнесува 11.302.
Во подрачјето кое го зафати разорниот земјотрес во моментов се ангажирани 24.443 спасувачи, медицински и друг персонал.
Во акцијата за спасување досега се згрижени 338.000 лица во студентските центри и други објекти, а од урнатините живи се извлечени повеќе од 8.000 лица.
– Два разорни земјотреси вчера ја потресоа Туркије
Два силни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер вчера наутро во 4:17 часот со епицентар во округот Пазарџик и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер со епицентар во местото Елбистан ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентарите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш. И турските области Газиантеп, Шанлиурфа, Дијарбакир, Адана, Адијаман, Малатја, Османие, Хатај и Килис се тешко погодени од земјотресите. Во текот на денот имаше и голем број последователни потреси со помал интензитет.
Земјотресите се почуствуваа и во соседна Сирија, но и во Ирак, Либан, Египет и други региони.
Претседателот на Туркије Реџеп Таип Ердоган изјави дека на Туркије и се случила најголемата катастрофа по земјотресот во Ерзинџан 1939 година.
Туркије прогласи седмодневна жалост поради разорните земјотреси што ја потресоа земјата.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.