Расно куче нападна и касна осум луѓе во центарот на Куманово, меѓу нив има четири ученици

0
207

Куче од расата азијат, тешко 72 килограми, претпладнево нападнало осум кумановци, меѓу кои четворица ученици од ОУ „Крсте Мисирков“. Сите осум лица, според началникот на Хирургија во кумановската болница, доктор Радомир Гелевски, се здобиле со лесни телесни повреди и им е укажана медицинска помош, пренесува порталот сдк.мк.

Четириножниот миленик, пак, е заловен околу пладне. Немал ременче околу вратот, ниту, пак, било евидентирано во системот. Според инспекциските служби во Општина Куманово, кучето најверојатно било чувано и подготвувано за борби, но успеало да побегне од сопственикот, како и дека не покажало знаци на агресија при заловувањето.

Тројца од четворицата ученици од ОУ „Крсте Мисирков“ биле нападнати за време на големиот одмор. Напомош на децата им притрчале вработени во Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ кои успеале да го одвратат кучето од напад и врз други ученици. Жртвите велат дека со ништо не го испровоцирале напаѓачкото однесување на азијатот.

Според директорот на училиштето, Филип Колевски, децата немаат посериозни повреди, но се упатени во Скопје да примат вакцина против беснило, бидејќи во Куманово немало.

извор: сдк.мк.