„Огнените“ со онлајн петиција за разрешување на министрите, Муса Џафери ги повика Груби и Бесими на ТВ-соочување

0
151

Ахмети е клучот за сè. Ние комуницираме, но не се разбираме со лидерот. Ако Ахмети закаже продолжение на седницата за отчет на министрите, ќе учествуваме, но Груби и министрите мора да поднесат оставки во Владата. Ахмети мора да ги тргне бидејќи ништо не сработиле, вели за „Слободен печат“ Изет Меџити, предводник на „огнените“.

Наместо помирување, „огнените“ се во офанзива против првиот вицепремиер Артан Груби и министрите интегративци од кабинетот на Димитар Ковачевски. Муса Џафери, претседател на Надзорниот одбор на ДУИ и еден од предводниците на „огнените“, ги предизвикува на ТВ-дебата Груби и министерот за финансии Фатмир Бесими пред албанската и македонската јавност да расчистат кој е во право. Паралелно со фрлената ракавица за ТВ-дуел, „огнените“ утре ќе објават онлајн петиција за разрешување на Груби и владиниот кабинет од редовите на ДУИ, открива за „Слободен печат“ Изет Меџити, потпретседател на ДУИ и предводник на „огнените“.

Телевизиско соочување меѓу „огнените“ и „ахметистите“ би следувало ако претседателот на ДУИ Али Ахмети не закаже Централно претседателство за дебатата меѓу раскараните страни од јавна сцена повторно да се врати во партиските органи.

Иако Фатмир Дехари, член на претседателството на ДУИ и градоначалник на Кичево, во гостување на телевизија Алсат рече дека Ахмети ќе ги седне на маса „огнените“ и „ахметистите“ и дека во партијата ќе се решат недоразбирањата, и Меџити и Џафери се децидни дека разрешница е можна само ако Груби и министрите заминат од Владата.

„Ахмети е клучот за сè. Ние комуницираме, но не се разбираме со лидерот. Ако Ахмети закаже продолжение на седницата за отчет на министрите, ќе учествуваме, но Груби и министрите мора да поднесат оставки во Владата. Ахмети мора да ги тргне бидејќи ништо не сработиле. Имаме поддршка од членството и од гласачите, и тоа јасно се гледа на нашите собири. Утре ќе објавиме и онлајн петиција за разрешување на Груби и на министрите од ДУИ“, вели Меџити.

Џафери вели дека Дехари е еден од погласните функционери што сметаат дека дебатата треба да се врати во партијата и дека и тој го критикува Груби оти ништо не презел за решавање на состојбата на поранешните припадници на ОНА.

Дехари во телевизиското гостување ја нарече погрешна одлуката на Ахмети, шефот на дипломатијата Бујар Османи да биде координатор на чаирскиот огранок, што предизвика дополнително заострување на релација „огнени“ и „ахметисти“. Тој смета дека нема одлука што може да ја игнорира силата на политичарот што доаѓа од народот, алудирајќи на претседателот на огранокот Меџити. Дехари вели дека Османи требало да знае на чија страна е поддршката во Чаир пред да ја прифати функцијата координатор.

Џафери цени дека секогаш има можност за разговор, но дека не е убеден оти е можно помирување.

„Нашите министри се плашат да седнат со нас. Останаа голи без аргументи, бидејќи не сработиле ништо. Не е можно помирување како што сака Груби. Подава рака за помирување и брка „огнени“ од функции. Груби и министрите треба да заминат. Ахмети има обврска да го закаже Претседателството за отчетот на министрите. Ако нема состанок во партијата, Груби и Бесими нека се соочат со нас на телевизиска дебата, а народот нека одлучи кој е во право“, вели Џафери.

Висок функционер од „ахметистите“ вели дека нема сигнали оти Ахмети ќе свика Централно претседателство и дека ќе ги повика „огнените“.