Силно невреме во САД: 32 загинати, Бајден прогласи „голема катастрофа“

0
180

Бројот на загинати од силните бури што предизвикаа торнада во јужните и средните западни региони на САД се искачи на најмалку 32 во текот на викендот, според локалните власти и извештаите на медиумите.

 

Во Мемфис, Тенеси, две деца и еден возрасен беа пронајдени мртви во саботата, откако силните бури соборија дрвја на неколку куќи, соопшти полицијата во Мемфис.

 

Во округот Мекнери, Тенеси, официјални лица пријавија уште два смртни случаи, откако претходно во саботата пријавија седум смртни случаи, објавија локалните медиуми. Одделот за здравство на Тенеси вчера објави дека дополнителни три смртни случаи поврзани со временските услови биле пријавени во три други окрузи, но не даде дополнителни детали.

Во округот Овен, Индијана, телата на двојка беа пронајдени во кампот во државниот парк МекКормик Крик, според државниот Оддел за природни ресурси. Дополнителни 15 смртни случаи од невремето, кое предизвика торнада во неколку области, беа пријавени претходно во Арканзас, Илиноис, Индијана, Делавер, Мисисипи и Алабама. Десетици беа повредени, а многу згради беа оштетени или уништени.

 

Американскиот претседател Џо Бајден прогласи „голема катастрофа“ во Арканзас во неделата и нареди федерална помош за закрепнување. Претседателот во изјавата вчера попладне рече дека тој и сопругата Џил Бајден се молат за луѓето погодени од невремето за време на викендот и побара од релевантните федерални службеници „да помогнат со итни потреби и долгорочно закрепнување“.

 

index.hr