Комисијата за етички и правни прашања на Лекарската комора донесе одлука за поведување на постапка за времено одземање на лиценцата за работа на анестезиологот вработен во Клиничката болница во Тетово, поради тоа што со објава на видеоснимка од гинеколошкото Одделение на болницата во живо на социјалната мрежа Тик-Ток ја искористил својата позиција и ги нарушил правата на пациентите и нивното достоинство, а со тоа го нарушил и угледот и честа на лекарската професија.
„Комисијата за етички и правни прашања, согласно правните регулативи на Комората, денес одржа вонредна седница, на која по детална расправа и разгледување на случајот, членовите на Комисијата донесоа едногласна одлука за покренување на постапка пред Судот на честа на Лекарската комора“, истакна претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.
Согласно постапката, Обвинителот на Судот на честа, по разгледување на пријавата, истата ја прифати и до Судот на честа на Комората достави обвинение против д-р Ваљтон Дервиши, анестезиолог вработен во ЈЗУ КБ Тетово, со предлог Судот на честа да му изрече мерка за времено одземање на лиценцата за работа согласно условите предвидени во Законот за здравствена заштита. Согласно правните регулативи, обвинението денес му е доставено на д-р Дервиши, а по истек на минималните временски рокови предвидени во постапката, Судот на честа ќе заседава за донесување на конечна одлука.
Лекарската комора како професионална организација на сите доктори во нашата земја, со цел заштита на нивниот углед, како и да ги заштити правата на пациентите, активно ќе ги следи сите вакви инциденти и нема да дозволи изолираното несовесно однесување на поединци да биде препишано на колективна одговорност на сите лекари кои професионално и одговорно секојдневно постапуваат во третманот на пациентите, велат од ЛК.
фото:Курир.мк