„Добро е да се знае“ – есеи за значајни историски мигови од Никола Груевски

0
184
Оваа книга е збир на текстови и записи од полето на историјата и празниците (празниците во значаен дел се поврзани со историјата) кои беа објавени на социјалните мрежи од 2017 година, па до април 2023 година.
Идејата на издавачот за преточување на овие текстови во книга ја прифатив, иако кога ги пишував текстовите не ми беше во план дека еден ден тие ќе прераснат во книга. За најголем дел од тие текстови јавноста веќе покажа голем интерес кога беа објавени и, секако, се надевам дека на многумина, особено на помладите, ќе им помогнат да се запознаат и да знаат за повеќе значајни моменти од историјата.
Не случајно во насловот на книгата стои дека станува збор за есеи. Всушност, на сите приложени текстови заедничка им е кратката форма, различните теми забележани како лични рефлексии и цитати. Книгата и текстовите не претендираат да бидат научен текст во областа на историјата, туку се записи на интересни историски теми, историски личности и историски настани за кои сметам дека добро е да се знаат, па затоа и ги споделив. Мојата професија не е историчар, туку проучувањето на историјата, можам да кажам, дека ми е еден вид хоби. Со мали исклучоци, текстовите не се засноваат на многу новооткриени архивски документи со кои научно се докажува некој нов момент на некој историски лик или настан.
Есејот е само едно кратко парче за дел од некоја тема и не е возможно за сите нешта да се даде целосна претстава. Затоа, и на тоа што го имам овде запишано, би сакал да се гледа само како на мој обид да го искажам својот личен став и тоа го правам со свој стил на излагање и заклучување, обично за теми и проблеми за кои во општеството нема јасен став или ставовите се многубројни, а најчесто се различни и неретко поларизирани. Но, како што запишав погоре, станува збор за претежно историски теми кои лично ме интересираат, а се надевам и многумина други.
Овие текстови се засноваат на голем број прочитани историски
книги, записи или текстови од различни извори. Користени се многу цитати на познати историчари или сведоштва на современици и спомени на учесниците. Притоа, се надевам дека моето искуство стекнато во политиката ми помогна подобро да разберам определени историски настани и постапки на одредени историски личности, како што тие историски настани и ликови ми помогнаа подобро да ја разберам политиката и предвидувањата на одредени политички случувања.
ФБ Никола Груевски