Иако мојот увид беше визуелен, тој ми ги отвори очите дека обемот на оштетувања е многу поголем отколку што претпоставував врз основа на достапните фотографии. Трагите и оштетувањата од високата температура од пожарот не беа видливи на фотографиите колку што навистина се, вели во ексклузивна изјава за МИА проектантот на мостот „Беласица” Вукан Њагуљ.
Тој во организација на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени изминатите два дена престојуваше во Скопје со цел да изврши увид во состојбата на мостот.
Во разговорот за МИА, инженерот Њагуљ порачува дека оштетувањата треба да се третираат многу сериозно и дека се потребни детални испитувања и пресметки.
Оценува дека постои можност за оштетување на продолжените кабли во главните носачи.
-Не оштетени како челик, туку оштетени во однос на нивната носивост. Ако челикот се прегрее, ги губи карактеристиките што ги има, вклучувајќи ја и силата во него, со што се намалува сигурноста на мостот до некоја мера и се менува напрегањето во конструкцијата, појаснува Њагуљ.
Во однос на проблемот со сообраќајот кој настана по затворањето на мостот, тој посочува дека има решение, но додава дека е тешко изводливо.
извор: МИА