Вучиќ по средбата со Рама: Никој нормален не се радува на можност за нови судири

0
216

Никој нормален не се радува на нови национални ровови и нови можности за какви било нови судири, изјави во Белград српскиот претседател Александар Вучиќ на заедничката прес-конференција по средбата со албанскиот премиер Еди Рама, јавува Анадолу.

Вучиќ рече дека по децениски молк во односите меѓу Србија и Албанија почнале да го менуваат лошото политичко наследство и дека со добри резултати покажале дека нивните народи можат многу побрзо да одат напред и многу побрзо да соработуваат.

„Отсекогаш сме го поддржувале Берлинскиот процес како многу корисен регионален формат и сметаме дека ќе придонесе за понатамошна соработка, процесот на помирување и надминување на наследството од минатото“, рече Вучиќ.

Тој истакна и дека иницијативата Отворен Балкан „донесе огромни придобивки за сите“ и дека смета оти „оваа иницијатива во иднина може да придонесе за понатамошно зближување на народите и за подобар живот и стандард на сите граѓани“.

„Ако смеам да кажам, мислам дека никој нормален не се радува на нови национални ровови и нови можности за какви било нови судири. Не случајно реков ‘никој нормален’“, рече Вучиќ и додаде:

„Ние не само што сакаме мир туку и работиме на тоа, без разлика колку и да е тешко за нас. Огромна е тежината на проблемот со кој се соочуваме. Никогаш сум немал проблем да разговарам со Албин Курти. Учествував во сите разговори. Познавате ли некој со кој не сум разговарал.“

Вучиќ потоа во контекст на тензиите во Косово рече: „Суштината е во тоа што Заедницата на српски општини мора да се формира. Требаше да биде пред 10 години и повеќе, но не беше.“

Што се однесува до планот за деескалација, Вучиќ рече дека го знае напамет. Додаде дека Србија веќе направила две нешта, но третото не може да го направи бидејќи се преплетува со Приштина. Во третото, како што рече, се работи за истовремено повлекување на градоначалниците и луѓето од општинските згради и дека сѐ останато е исполнето од српска страна.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.