Борко Ристовски е нов извршен директор на РК Вардар, Стоилов помошник-тренер и координатор во Вардар

Македонската ракометна легенда Борко Ристовски стави крај на играчката кариера и во иднина ќе биде дел од раководните струкури на РК Вардар1961. Тој ќе биде новиот Извршен директор на клубот, и беше промовиран на прес-конференцијата на клубот.

Пивотот Стојанче Стоилов е назначен за помошник тренер и координатор на младинските категории.

За завршувањето на кариерите на Ристовски и Стоилов во ракометот како играчи беше соопштено на денешната прес-конференција на „црвено-црните“.

Борко Ристовски е наша ракометна легенда. Тој добива нова функција во раководната структура – извршен директор. За претседател на неизвршните директори е поставен Емил Угриновски. Иконата на Вардар, Стојанче Стоилов, ја завршува својата богата кариера и добива двојна функција, помошник тренер и координатор на младински категории, рече досегашниот претседател на клубот Михајло Михајловски.

На тренерското место во Вардар и во следната сезона ќе остане Владо Недановски и покрај неуспехот минатата сезона со освоеното трето место во домашниот шампионат.

Вардар во новата сезона ќе игра двомеч со германскиот Рајн Некар за пласман во групната фаза во Европската лига.