Бранот на незадоволство ги зафати и пензионерите, кои со протести во неколку градови побараа месечно линеарно зголемување на пензиите од 3.500 денари и најавија помасовни протести ако не им се прифати барањето. Зад оваа иницијатива денеска (7.08) застанаа пензионерите од Прилеп и од Тетово, кои на протести порачаа дека нема да отстапат од барањата за исплата на 3.500 денари подеднакво за сите пензионери во земјата. Минатата недела и незадоволните пензионери од Штип, Кочани, Кавадарци, Куманово и Велес одржаа мирни протести пред зградите на нивните здруженија, објави DW.
Незадоволството доаѓа во пресрет на најавеното зголемување на пензиите за 6 проценти од септември.
„Кога можеа за функционерите 78 отсто да ги зголемат платите, нека најдат начин линеарно за покачување на пензиите. Никој не нè прашува во продавница дали земаме повисока или пониска пензија“, велат пензионерите од Тетово во изјави коишто ги пренесе агенцијата МИА. Тие бараат достоинствен, мирен и спокоен живот во староста, оти инфлацијата им го има изедено и последниот денар од паричниците. Дел од нив велат дека со малите пензии не можат ниту лекови да си купат,а камоли нешто друго.
Револтот особено порасна по одлуката за зголемување на функционерските плати за 78 проценти. Поради тоа, пензионерите бараат од наредниот месец да земаат месечно зголемување кое е 10 пати помало од функционерското, односно 3.500 денари линеарно за сите пензионери.
„Политичка манипулација“
Но, зад ваквите барања не застанаа и од Партијата на пензионерите. Тие сметаат дека протестите се резултат на политичка манипулација и апелираат пензионерите да не наседнуваат на паушални и нереални иницијативи, зад кои се затскриваат политички партии кои само сакаат да ги искористат маките на пензионерите за свои политички цели што немаат никаква поврзаност со пензионерите и нивните проблеми.
„Ги проследивме протестите на групи пензионери, особено во врска со искажаните заложби за враќање на начинот на усогласување на пензиите како во време на владеење на ВМРО –ДПМНЕ, поради што искажуваме загриженост дека оваа политичка партија повторно со манипулации се обидува да придобие наклоност неинформираните пензионери, во функција на нивната политичка агенда која не нуди никакви реални и поволни придобивки за пензионерите“, велат тие во реакцијата.
Ново решение за минималната пензија
Тие се повикуваат на анализи, споредени со решенија што се применуваат во пензиски системи слични на македонскиот и сметаат дека сегашниот модел на усогласување на пензиите, кој ги следи трошоците на живот и пораст на платите, е најреален и најповолен за сите корисници за пензија. Но, согласни се дека треба да се изнајде поповолно решение за корисниците на минимални пензии.
„Во функција на таа цел, фокусна група за Партијата на пензионерите се корисниците на најниските пензии, поради што, во рамки на коалицијата поведовме иницијатива и отпочнавме разговори со Владата за донесување ново законско решение за утврдување на достоинствен износ на минимална пензија, која во дадените околности би обезбедила посигурен живот на корисниците, без притоа да ја загрози стабилноста на пензискиот систем и редовната исплата на пензиите“, велат од партијата.
Тие изготвија и предлог мерки за солидарна финансиска поддршка на пензионерите со примања до просечна пензија, како решение кое би се применувало во сите случаи кога ќе биде загрозена егзистенцијалната стабилност на овие корисници на пензии.
фото: ТВ24