– Македонскиот Устав како највисок правен акт на државата е донесен на 17 ноември 1991 година и досега има претрпено осум измени со 36 амандмани.
Токму денеска во собраниска процедура влегува предлогот на Владата за нова деветта измена на Уставот, со која се предвидува во Преамбулата да се внесат и бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот, еврејскиот и египќанскиот народ.
Уставот последен пат беше променет на 11 јануари 2019 година кога Собранието со 81 глас „за“, ниту еден против и воздржан, ги изгласа четирите амандмани за менување на уставното име од Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа што беше потпишан со Република Грција на 17 јуни 2018 година.
Претходно, измени на Уставот беа направени и во 1992, 1998, 2001, 2003, 2005, 2009 и во 2011 година. Првите измени на Уставот се усвоени на 6 јануари 1992 година со донесување на Амандманите I и II.
Со нив се утврдува дека државата нема територијални претензии кон соседните држави и нема да се меша во суверените права и внатрешните работи на други држави.
На 1 јули 1998 година е усвоен Амандманот III, по иницијатива на Врховниот суд и со него е поместен рокот за максималното времетраење на притворот до подигнување на обвинение, од 90 на 180 дена од денот на притворувањето.
Пратениците на седница на Собранието на 16 ноември 2001 година ги усвоија амандманите IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII.
Овие амандмани се донесени како обврска од Охридскиот рамковен договор. Заменета е Преамбулата на Уставот која е напишана во еден став.
На сосема нов начин е уредено прашањето на примената на службениот јазик и неговото писмо на целата територија на државата и во единиците на локалната самоуправа.
Текстот во целост на: biznisvesti.mk