„Треба да ги негуваме своите корени“ рече Трпчевски на синоќешниот концерт во Секирник, родното место од мајка му

0
140

Треба да ги негуваме своите корени кажа Симон Трпчески кој со проектот „Македонисимо“ во саботата одржа концерт во Секирник, Струмичко, родното село на мајка му Нетка.

Околу два часа посетителите уживаа во концертот на Трпчески. Дворот на училиштето во родното село на мајка му беше претесен за жителите на Секирник, но и за гостите од подалеку, кои дојдоа да ги слушаат транскрипциите на македонската традиционална музика во поинаков аранжман од Панде Шахов во соработка токму со Трпчески.

Со реализацијата на овој концерт, како што кажа пијанистот, му се исполни желбата да го престави „Македонисимо“ во селата од каде потекнуваат неговите родители и места кои се извор на македонската музика.

Тој лани „Македонисимо“ го престави во родното село на тако му струшко Збажди, на планината Караорман.

,,Овој концерт беше моја дамнешна желба. Еден ваков проект кој укажува на длабоките корени на македонскиот народ, мислам дека нема поосоодветно место отколку да се свири во села, од каде се раѓа сета енергија и целото богатство. Секирник и струмичката околија имаат исклучително важно место во историјата на Македонија и буди огромни чувства кај мене и сите колеги од пректот „Македонисимо“. Овој проект ги отсликува традицијата, корените на нашата држава и нашиот народ, бидејќи имаме со што да се гордееме и да не се плашиме да го покажеме во светот“, кажа Трпчески во Секирник.

Трпчески  беше пречекан со традиционална погача во Домот на културата. Младите се облекоа во народна носии за неговото доаѓање, додека од страна на русалиите во ова населено место му беше доделана „к’лчка“, реквизит при изведба на русалиските ора.

Концертот во Секирник беше дел од манифестацијата “Босилово културно лето 2023 “ во организација на Општина Босилово. Градоначалникот на Босилово Ристо Манчев рече дека со вакви концерти се будаат селата и животот во нив.

,,Трпчески ја покажа неговата љубов кон македонската песна, неговиот однос кон своите корени, семејството, својот народ. Тој ги импресионира младите од овој регион дека со многу работа и со талент може да се постигне многу, независно кој си и од каде си“, рече градоначалникот Манчев.

Со концертот во Секирник, Симон Трпчески со „Македонисимо“ ја започнува балканската турнеја во која се планирани настапи во Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора и Романија.

 

 

 

sdk.mk