МКД.МК: Се враќа шверцот со цигарите во Македонија, овојпат од грчките фришопови

Цигари „винстон“, „марлборо“, „вест“, „оме карелиа“ и други, без бандероли, со написи на англиски, сѐ почесто лесно се наоѓаат во малопродажни места во Скопје, Тетово, Битола, Гостивар, Кичево… Тоа значи дека за нив не е платена акцизата, а на тезгите не доаѓаат од редовните канали за снабдување со цигари.

Сомневањата се дека „изворот“ на овие цигари на македонскиот пазар се грчките фришопови на граничните премини Евзони (Богородица), Дојран и Ники (Меџитлија), пишува МКД.мк.

На фришоповите во Грција редовни се промотивните цени на цигарите од познатите светски брендови, во стилот купи две штеки за помала сума. Така, цената на една кутија цигари доаѓа во просек меѓу 60 и 80 денари. Истите тие брендови на тутунски производи цигари во Македонија се продаваат по безмалку двојно поголема цена. На пример„ оме карелиа“ кај нас се продава по 150 денари за една кутија, а со промотивните цени по фришоповите цената на единечното пакување е 60 денари. Истиот однос на цената доаѓа и за другите брендови, како „марлборо“, „винстон“, „вест“…

До лани, овие цигари по таа цена се наоѓаа по одредени малопродажни места во пограничниот регион. Но од пред 4-5 месеци, според дистрибутерите на овие брендови, бројот на малопродажните места е зголемен и проширен во речиси половина Македонија – Тетово, Кичево, Охрид, Скопје (Чаир, Север, Бутел), Сарај, Батинци, Студеничани и околните села. Објавените фотографии се од тие малопродажни места.

Еве уште еден пример. Цигарите вест во грчки фришоп чинaт 69 денари за една кутија, а во едно од овие малопродажни места штека цигари од овој бренд се продава за 1.000 или 1.100 денари. Штека цигари вест во легална продажба, а тоа значи со платена македонска акцизна маркица, чини 1.400 денари.

Заработувачката е очигледна, а со тоа и интересот за „развој“ на овој бизнис и проширување на каналите за продажба на овие цигари.

Според локални извори на МКД.мк, секој обид на граѓанин на Грција да купи цигари од фришоп и да ги внесе во Грција, брзо е спречен од полицијата, која редовно ги добива информациите од шефовите на фришоповите. Така Грција си ја штити сопствената економија. Како ние ја штитиме нашата?

извор: МКД.мк