Од седум до 15 отсто од жените паѓаат во постпородилна депресија, а уште толку се непрепознаени и нелекувани од различни причини, покажуваат податоците од Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување при Уиниверзитетската клиника за психијатрија во Скопје. Од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство – Скопје (ГАК), не водат евиденција за случаи на постпородилна депресија, од причина што нема едуциран кадар за таквата состојба, ниту пак мандат да се работи со тие пациентки. Оттаму велат дека има клинички психолог кој секогаш кога има потреба, разговара со таквите пациентки и дека психијатри од Клиниката за психијатрија доаѓаат еднаш неделно на ГАК.
Постнаталната депресија, како што појаснуваат експертите што ги контактираше МИА, е растројство што се јавува во периодот по породувањето, а се манифестира со намалено расположение, чувство на страв, немир, вознемиреност, нарушување на дневното функционирање, плачливост, чувство на вина, намалена самодоверба, силен страв за себе или своите блиски, неможност за грижа ниту за себе, ниту за бебето. Покрај овие потешкотии, доколку се тие силно изразени, се јавува и интензивно чувство на вина, несоница, неможност за поврзување со бебето, самоповредувачки мисли или самоубиствени идеи.
Пандемијата влијаеше на растот на депресивност во бременост и по породување и до 30 отсто
Професор доктор Славица Арсова, психијатар во Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување при Клиниката за психијатрија во Скопје, во изјава за МИА појаснува дека во тек на постпородилниот период, нормално е кај некои мајки да се јави таканаречената постнатална тага, која трае околу две седмици, но, за разлика од постпородилната депресија, мајките можат да се грижат и за себе и за бебето, се јавува блага вознемиреност, плачливост и раздразливост која е минлива и не го нарушува нивното функционирање во улогата на мајка.
– Кај мајките кои се депресивни, сево ова е длабоко, следено со депресивни мисловни содржини и неможност за грижа за бебето, често со благ или изразен немир. Бројките се движат од 7 до 15 проценти, но на истите се додаваат уште толку, бидејќи се смета дека голем дел од жените се непрепознаени, нелекувани од различни причини. Постпородилната депресија најчесто се надоврзува на депресијата во текот на бременоста која доколку не се лекува е најголем ризик за продлабочување во постпородилниот период, посочува професорката Арсова.
Таа додава дека постојат повеќе ризик фактори, како минати депресивни или анксиозни епизоди, минати трауматски настани, семејно насилство, мајки без соодветна семејна подршка, малолетни мајки, постари прворотки, лекуван инфертилитет, низок степен на образование и неинформираност, други телесни болести…
– Во државата се направени повеќе истражувања на оваа тема, со посебен осврт на влијанието на пандемијата со Ковид-19, врз порастот на депресијата во бременост и по породувањето, кое беше направено на национално ниво и покажа раст на депресивноста до 30 проценти од испитаничките. Ковид пандемијата како кризна состојба имаше серозно влијание во нарушувањето на психичката состојба кај мајките. На Клиниката постои кабинет за третман на жени во тек на бременост и по породување со континуирана психијатриско-психолошка поддршка индивидуална и групна, а покрај тоа еднаш седмично има соработка со Универзитетската гинеколопшко-акушерска клиника со цел рано препознавање и третман на мајките со ризик, посочува Арсова.
Превентивното делување, според неа, е можно со подигање на свеста и будноста за психолшката состојба на жените во овој период, препознавање од страна на самите мајки и семејството, семејните доктори и гинеколози, како и со упатување на евентуален психијатриско-психолошки третман со комбинирана терапија.
Од Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) велат дека не водат евиденција за случаите на постпородилна депресија, од причина што нема едуциран кадар за таквата состојба, ниту пак мандат да се работи со тие пациентки.
МИА