Пендаровски по случувањата на Онкологија: Фрапантно и згрозувачки, за здраво општество ни треба правна држава во пракса

По низата скандали на Клиниката за онкологија, со став се огласи и претседателот Стево Пендаровски.

-Фрапантни и згрозувачки се јавно достапните информации за сомнежите за злоупотреба на терапијата за лицата болни од рак. Наместо на тие лица соочени со најтешката дијагноза да им пружи целосна поддршка и заштита, здравствениот систем очигледно потфрлил, со што е изгубена довербата не само кај тие болни, туку е доведен во прашање и квалитетот на лекување на секој иден пациент.

Во насока на целосно расчистување на оваа огромна афера, ги поздравувам досега преземените дејствија од страна на Јавното Обвинителство и Министерството за внатрешни работи. Во исто време повикувам на брзо и ефикасно комплетирање на истрагата и на судско-обвинителско процесуирање без селективност и соодветна казна за сите за кои ќе биде докажано дека сториле тешки дела против здравјето на луѓето.

Крајно време е системот да потврди дека сме способни во пракса, а не само со зборови да се справуваме со тешките облици на организиран криминал и корупција и конечно да ја прекинеме културата на неказнивост за сериозни прекршувања на законите, вели Пендаровски.

Претседателот смета дека никогаш нема да бидеме вистинско европско општество со одолговлекување на судските постапки и отсуство на лична одговорност.

-За здраво општество ни треба правна држава во пракса, не на хартија. Потполно го разбирам гневот на граѓаните кои повикуваат на мирни протести, барајќи одговорност од оние кои заработувале на маките на најтешко болните наши граѓани, се вели во ставот на Пендаровски.

фото: Архива