Преспанското Езеро, кое се протега од околу 260 квадратни километри, што е повеќе од двојно од територијата на Париз, изгуби седум отсто од својата површина и половина од својот волумен во периодот од 1984 до 2020 година, објави денеска „Еурактив“, повикувајќи се на извештај на НАСА.
Посочувајќи дека повеќе од две третини од езерото и припаѓа на Македонија, а остатокот на Грција и Албанија, порталот наведува дека станува збор за едно од најстарите езера во Европа, старо пет милиони години, кое е дом на повеќе од 2.000 видови риби, птици, цицачи и растенија.
Локалниот рибар Ванчо Василевски за „Еурактив“ вели дека неговото кајче често се насукува, додавајќи дека само во последните два-три месеци нивото на водата опаднало за 36 сантиметри, а во последните денови „веројатно за уште два-три сантиметри“.
Ќе се намали повеќе. Нема дожд, нема зима, нема снег, нема реки. Само една река влегува во езерото… Ова е катастрофа, природна катастрофа, додава Василевски.
Во текстот се наведува дека водата во Преспанското Езеро сега е за повеќе од осум метри под нивото од доцните 70-ти години на минатиот век, при што се додава дека Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) предупредила оти некои видови на диви животни во езерото се изложени на ризик од исчезнување, поради „уништување на нивното живеалиште преку штетни земјоделски практики, ерозија и испуштање непречистен отпад и отпадни води“.
repubika.mk