Министерот за економија, Крешник Бектеши, најавува дека од среда ќе поевтинат стотици производи за прехрана, а пред сѐ месните и млечните производи, овошјето и зеленчукот. Тие ќе добијат ознака – „гарантирана цена“, по која што маркетите ќе треба да ги продаваат до 30 ноември.
Станува збор за основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто. Идејата е цената по која што се продавале на 1 август годинава да падне за најмалку 10 проценти. Во тек се преговори и со производителите и дистрибутерите на пијалоци, со цел да има намалување на цените и на овие прозводи.
„Гарантирана цена“
Бектеши ги повикува сите оние коишто нема да бидат опфатени со владината мерка, доброволно да се приклучат кон акцијата за намалување на цените и да добијат можност за користење на ознаката „гарантирана цена“. За оние коишто ќе прават манипулации со оваа ознака, се најавуваат строги контроли и казни.
Ваквата мерка следи откако надлежните најавија повторно замрзнување на цените на прехранбените производи и нови антикризни мерки, кои треба да го намалат ударот на кризата врз најранливите категории. Пазарниот инспекторат ќе ги засили контролите на терен и ги повика граѓаните да ги пријават сите неправилности што ќе ги забележат.
Детална листа на производите со новите цени се најавува за вторник (19.09), а на неа би можеле да се најдат и компирот, доматите, пиперките, јајцата, кромидот, рибите, гравот, брашното, маслото, шеќерот и ред други производи.
„Од среда ќе почнат засилени контроли каде што ќе бидат вклучени и членови на Владата во делот на надзорот како се спроведуваат контролите. Би сакал да ги повикам сите чинители во трговијата, производители или дистрибутерите, ако нивните производи не се на листата, да се пријават во Министерството за економијата за да ја користат ознаката – ‘гарантирана цена’“, рече Бектеши на прес-конференција.
Законски измени
Министерството за економија во текот на следната недела ќе направи и измени и дополнување на Законот за државен пазарен инспекторат (ДПИ) со кои ќе ги зголеми ингеренциите на инспекторите.
Бектеши најави корекција и на одлуката за забрана на акциски цени, со цел да се избегнат манипулации. Тој вели дека нема да бидат дозволени акции на производи кои се пред истек на рокот, со цел да не се манипулира со граѓаните и тие да не бидат доведени во заблуда.
DW