360stepeni.mk: Се гледа крајот на рокот, но не и на изградбата на автопатот Кичево-Охрид

Изградбата на автопатот Кичево – Охрид почна во февруари 2014 година. Без тендер, директно е договорено да го гради кинеската компанија „Синохидро“. Директно биле договарани и други работи – оние што ги слушнавме во прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, кој тогаш беше во опозиција. „Да не е многу, а? Да не се претера новинарството?“, прашува екс-премиерот Никола Груевски додека разговара со тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиевски, објави 360stepeni.mk.

Педесет и седумте километри автопат требаше да чинат 374 милиони евра и да бидат завршени за околу четири години. „Очекуваме раздвижување на економијата во регионите каде што ќе се градат патиштата“, рече Груевски на поставувањето камен-темелник за изградба на автопатот во февруари 2014 година.

По три години, во мај 2017, беше објавен напредок. „Колку што разбрав, речиси половина од градбата е завршена“, демонстративно пред камерите го праша Груевски тогашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски. „Да. Преку 45 проценти е прогресот завршен“, му одговори тој.

По еден месец од оваа изјава во тунелот на Пресека, владата на ВМРО-ДПМНЕ си замина. На власт дојде СДСМ и по извесно време објави дека поради пропусти, пред сè, во поектирањето, изградбата ќе голтне дополнителни милиони и години.

„Најпрво е потребно да се изврши допроектирање на сите работи што претходно ги спомнав и потоа стручен тим во соработка со надзорниот орган ќе даде конкретна дополнителна цена на чинење на автопатот“,

изјави Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски (март 2018 г.).
Изградбата беше пролонгирана до јуни 2021 година, а „Синохидро“ доби нов рок и дополнителни пари што сега се вкупно 598 милиони евра.

„Кичево – Охрид, крајот на 2023 година. Правиме максимални напори.“

– Имате рок што е утврден?

„Да, тој е со закон утврден.“

рече во интервју за „ТВ 21“ актуелниот министер за транспорт и врски Благој Бочварски (октомври 2022 г.).
Крајот на 2023 година се гледа но, според состојбата на терен, не и крајот на изградбата на автопатот Кичево – Охрид.

Примерот со мостот е меѓу светлите точки во контроверзниот проект за изградба на автопатот Кичево-Охрид кој се реализира предолго и чини прескапо.

Текстот во целост на: 360stepeni.mk