Нашата територија се наоѓа под влијание на силно јужно и југозападно воздушно струење кое условува невообичаено високи температури на воздухот за овој период од годината и спарина.
Ваквото јужно струење ќе продолжи и следната седмица, а во исто време од Сахара кон Македонија ќе се врши транспорт на прашина и песок, па така и атмосферата ќе биде заматена, а времето ќе биде мачно и спарно, додека температурите на воздухот и понатаму ќе бидат значително над просекот и ќе се искачуваат во интервалот од 20 до 27, 28 степени. Релативно високи ќе бидат и ноќните, како и утринските температури.
Во следните часови во западните предели ќе има услови за локална појава на пороен дожд и ретки грмежи. Јужниот ветер кој го имаме ќе продолжи да дува и понатаму во следните часови, а јужен ветер ќе имаме и следната седмица.
Повеќе врнежи ќе има во среда доцна попладне и во текот на ноќта кон четврток, како и во четрток кога локално ќе биде и нестабилно со појава на грмежи.
Температурите во Скопје и околината пак ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 24 и 27 степени,стои во најавата од метеопрогнозерот Славчо Попоски.