Во Австрија се сруши авион кој полетал од Загреб, има загинати

0
181

Полицијата соопшти дека четири лица загинале кога мал спортски авион се урна во Лунгау, централна Австрија.

Авионот летал од Загреб за Салцбург.

Авионот Цирус СР-20 полетал во четвртокот од главниот град на Хрватска нешто пред 14 часот, додека дестинацијата бил аеродромот во Салцбург. Околу 15:45 часот авионот се урнал во шума на непрооден планински гребен.

Службите за итни случаи успеале да стигнат до остатоците од авионот кога патниците веќе биле мртви. Жртвите се уште не се идентификувани. Не е позната и причината за падот.

Државната канцеларија на криминалистичката полиција во Салцбург ја презеде истрагата и повика експерт за воздушни несреќи. Државниот обвинител нареди одземање на остатоците од авионот и обдукција.

Спасувањето било отежнато поради постојаниот дожд и стрмниот терен.

„Кроненцајтунг“ наведува дека очевидец го слушнал ударот и ги алармирал спасувачките служби.

Исто така, се наведува дека авионот стандардно бил опремен со падобран за итни случаи. Сепак, системот за спасување очигледно не бил активиран, пренесува АПА.