Ескобар: Бугарија уверува дека повеќе нема да испорачува услови за Северна Македонија

0
216

Заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во телефонско интервју за „Гласот на Америка“ на македонски рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија кон Европската Унија (ЕУ).

Ескобар нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.

На исто прашање за гаранции од Бугарија по евентуалното внесување на Бугарите во Уставот, министерот за надворешни работи Бујар Османи, за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) неодамна рече дека е прилично сигурен оти „Бугарија постојано ќе формулира нови барања. Но, за мене е важно што е на агендата на ЕУ, ништо друго“.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, претходно изјави дека усвојувањето на уставните измени е само првиот чекор, а не и последниот.

Ескобар вели дека имал разговори со бугарските колеги и дека тие го уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови.

„Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“, одговори Ескобар.

На прашањето на „Гласот на Америка“, дали тоа значи дека нема да има ново вето ако другите услови се исполнат? „Јас тоа така го протолкував“, одговори Ескобар. Ескобар, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.

 

 

Glas na Amerika